
Полицијата идентификуваше три лица кои се сомничат дека учествувале во нападот врз двајца млади мажи во Гостивар, откако на социјалните мрежи се појави видео од бруталната тепачка.
Според информациите од МВР, станува збор за двајца малолетници од Гостивар и 20-годишниот В.Д. од Скопје.
Двајцата малолетници биле повикани во полициска станица на службен разговор, а по наредба на јавен обвинител им биле одземени патните исправи. За третото лице, В.Д. (20) од Скопје, било испратено службено известување до Полициската станица во Скопје за понатамошно постапување.
Од полицијата информираат дека против тројцата ќе биде спроведена забрзана постапка пред надлежен суд, откако ќе биде комплетирана целосната документација за случајот.
Според досегашните информации, нападот се случил во раните утрински часови на 2 август на улицата „Борче Јованоски“ во Гостивар. На видеото што кружи на социјалните мрежи се гледа жестока пресметка во која двајца млади мажи биле удирани со предмети и дрвени стапови.

















