УТРО.мк

ЕУ воведе нови правила: Сите содржини создадени со вештачка интелигенција ќе мора да бидат јасно означени

ЕУ воведе нови правила: Сите содржини создадени со вештачка интелигенција ќе мора да бидат јасно означени
Vero

Европската Унија воведе задолжително обележување на содржините создадени со помош на вештачка интелигенција, со цел граѓаните полесно да разликуваат вистински од синтетички содржини.

Новите правила се дел од сеопфатниот Закон за вештачка интелигенција на ЕУ, кој стапува во сила постепено. Според нив, компаниите ќе мора јасно да ги информираат корисниците кога комуницираат со системи на вештачка интелигенција, како што се чет-ботови.

Дополнително, сликите, видеата, аудио-снимките и текстовите создадени со помош на ВИ ќе треба да имаат соодветна ознака, воден жиг или друг вид маркер кој ќе овозможи лесно препознавање на нивното потекло.

Посебен фокус е ставен на дипфејк содржините – реалистични фотографии, видеа, звуци или текстови кои се создадени или изменети со вештачка интелигенција и можат да се користат за ширење дезинформации.

Од ЕУ посочуваат дека развојот на генеративната вештачка интелигенција овозможува создавање лажни содржини во голем обем и со голема брзина, што претставува предизвик за довербата на јавноста.

Новите правила предвидуваат информирање на граѓаните и во случаи кога се користат алатки за препознавање емоции, биометриска категоризација, како и кога се објавуваат текстови за прашања од јавен интерес создадени без човечки уреднички надзор.

Сепак, правилата нема да се применуваат на ист начин за лична употреба на вештачка интелигенција, а постојат и исклучоци за уметнички, креативни, сатирични и фиктивни дела.

Компаниите што нема да ги почитуваат новите обврски можат да се соочат со високи парични казни. Системите за вештачка интелигенција имаат рок до 2 декември 2026 година целосно да се усогласат со новите барања.

Големите технолошки компании веќе започнаа со воведување сопствени ознаки за ВИ-содржини. Платформи како „Тик-ток“, „Фејсбук“ и „Инстаграм“ веќе користат механизми со кои корисниците можат да препознаат дека одредена содржина е создадена или изменета со помош на вештачка интелигенција.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin