
Туркије продолжува да биде една од водечките туристички дестинации во светот, откако во првото полугодие од 2026 година привлече 25,8 милиони странски туристи. Во истиот период, приходите од туризмот достигнаа 25,8 милијарди американски долари, што е на исто ниво со минатата година.

Податоците ги презентираше министерот за култура и туризам на Туркије, Мехмет Нури Ерсој, на прес-конференција неодамна одржана во Истанбул. Според него, регионалните тензии на Блискиот Исток и глобалните неизвесности влијаеа врз туристичката побарувачка во првата половина од годината, но тоа немаше влијание врз приходите од туризмот што ги оствари земјата.
„Иако Туркије не беше вклучена во конфликтот и сите наши авиокомпании и аеродроми продолжија да работат без прекини, затворањето на воздушниот простор на Блискиот Исток доведе до благ пад на побарувачката“, истакна Ерсој.
За споредба, во првите шест месеци од 2025 година Туркије ја посетиле 26,4 милиони меѓународни гости, додека во истиот период годинава бројката изнесува 25,8 милиони. И покрај ова мало намалување на бројот на посетители, туристичките приходи останаа на истото ниво од 2025 година, достигнувајќи 25,8 милијарди долари, што според министерот, е резултат и на стратешките мерки преземени во туристичкиот сектор.
Позитивен показател е и зголемувањето на просечната должина на престојот. Просечниот број ноќевања по посетител се зголемил за 0,5 проценти, достигнувајќи 10,01 ноќевања, додека просечната потрошувачка по ноќ пораснала за 2,6 отсто, на 109 долари.
Трите најголеми туристички пазари за Туркије остануваат непроменети. На прво место е Руската Федерација со 2,65 милиони посетители, следи Германија со 2,44 милиони, додека Обединетото Кралство е на третото место со 1,58 милиони посетители.
Според министерот Ерсој, Туркије силно ја започнала втората половина од годината, а актуелните проекции укажуваат дека ќе може да се очекуваат значително подобри резултати во преостанатите месеци.
Овие резултати уште еднаш го потврдуваат туристичкиот потенцијал на Туркије, која со својата географска положба, богато културно наследство и разновидни природни предели нуди искуства во текот на целата година. Од Истанбул, градот што ги поврзува Европа и Азија, преку историските локалитети, античките градови и музеите, до Кападокија со своите самовилски оџаци и спектакуларните летови со балон, Туркије им овозможува на посетителите да комбинираат културен, авантуристички и урбан туризам во едно патување. За љубителите на море и сонце, пак, тука се долгите брегови на Средоземното, Егејското и Црното Море, со бројни плажи, заливи и туристички центри. Анталија, Бодрум, Мармарис, Чешме и голем број помали крајбрежни места нудат различни форми на одмор, од семеен и релаксирачки, до луксузен, активен и наутички туризам.

















