
Црна Гора изминатиот викенд забележа рекорден број влезови на патници, при што за само два дена во земјата биле регистрирани повеќе влезови отколку што изнесува вкупниот број жители.
Според официјалните податоци, на сите гранични премини биле евидентирани 632.766 влезови на патници и 146.147 влезови на моторни возила. За споредба, според пописот од 2023 година, Црна Гора има 623.633 жители.
Најголем сообраќај бил забележан на граничниот премин Добраково, на границата меѓу Србија и Црна Гора, каде поминале 80.694 патници. Следуваат Дебели Бријег со 78.800 патници, Сукобин и Муриќани со 72.937, Драченовац со 67.155 и Божај со 44.283 патници.
Голем број патници пристигнале и по воздушен и поморски пат. Преку аеродромот во Подгорица поминале 35.823 патници, преку аеродромот во Тиват 32.532, додека преку пристаништето во Котор пристигнале 31.064 патници.
Поради огромниот туристички бран, на граничните премини Карасовиќи и Дебели Бријег, на границата меѓу Хрватска и Црна Гора, се формирале колони подолги од 20 километри. Дел од патниците чекале повеќе од 10 часа на високи температури, поради што бил активиран Штабот за цивилна заштита на општина Конавле.

















