
Двете жени од Општина Старо Нагоричане починале како последица на насилна смрт, потврди директорот на Судска медицина, проф. д-р Александар Станков, по завршените обдукции.
Според него, веќе се подготвува писмениот извештај заедно со резултатите од ДНК анализите, кои најдоцна до понеделник треба да бидат доставени до Обвинителството.
„Завршена е обдукцијата, се подготвува писмениот извештај и извештајот од ДНК анализите. Очекувам во најбрз можен рок, најдоцна до понеделник, Обвинителството да го има наодот. Единствено што можам да кажам е дека станува збор за насилна смрт и кај втората помлада жена“, изјави Станков.
Тој посочи дека примероци за ДНК анализа се земени и од повозрасната жртва од село Челопек, при што и кај двете жени е констатирана насилна смрт.
Од Јавното обвинителство информираат дека истрагата за случајот е во тек и дека вештиот наод од обдукцијата сè уште не е доставен. Минатата недела обвинителството нареди ексхумација и обдукција на втората жртва поради сличности во начинот на извршување, со цел да се утврди дали станува збор за дела извршени од ист сторител.
Од Основното јавно обвинителство Куманово велат дека се преземаат обемни истражни дејства за целосно расчистување на случаите. Осомничениот е обезбеден, а во наредниот период ќе му биде извршена психијатриска процена од тим на експерти.
Во тек се распити на повеќе лица и прибирање на докази, но од обвинителството нагласуваат дека во оваа фаза не можат да споделуваат повеќе информации поради интересот на истрагата.
Од СВР Куманово соопштија дека е приведен 25-годишниот Т.Б. од село Малотино, кој се сомничи дека на 12 февруари влегол во домот на 78-годишна жена во село Драгоманце, физички ја нападнал и ја задушил, при што таа починала на лице место.























