
Бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа ќе престане со работа на 31 март, откако американската администрација го укина финансирањето на медиумот, јавува АФП, повикувајќи се на извори од редакцијата.
Според информациите, вработените се обидуваат да најдат решение со кое би продолжиле да работат и по најавеното затворање, но засега иднината на сервисот останува неизвесна.
Сличен развој веќе беше најавен и за романскиот сервис, чија директорка Елена Вијулие Танасе пред две недели соопшти дека редакцијата ќе биде затворена на крајот на март.
„Ова секако се лоши вести, не само за моите колеги и за мене“, напиша Танасе, додавајќи дека во време кога има потреба од професионално новинарство, бројот на независни новинари се намалува.
Одлуката за укинување на финансирањето доаѓа од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, што веќе предизвика реакции во новинарските организации.
Од Репортери без граници предупредуваат дека затворањето на овие сервиси може сериозно да го загрози пристапот до доверливи информации, особено во земји каде што медиумскиот плурализам е ограничен.
„Ризикот е особено голем во Бугарија, каде што претстојат избори, а независните медиуми се веќе малубројни“, изјави Павол Салај, претставник на организацијата во Чешка.
Според извештаите, се разгледува и затворање на сервисот во Унгарија, што се поврзува со политичките односи меѓу Вашингтон и премиерот Виктор Орбан.























