
Албански полициски инспектор и уште две лица се приведени на граничниот премин „Мердаре“, при обид да внесат непријавени еден милион евра од Србија во Косово.
Според официјалните информации, инспекторот Аурел Казиу, кој работел во полициската станица Камза, веднаш бил суспендиран од страна на Дирекцијата за професионални стандарди на албанската полиција, откако косовските власти го информирале за случајот.
Заедно со него се приведени и две лица од Косово, идентификувани како Етник Ахмаџокај и Ардит Ласка. Тројцата се задржани во притвор и се осомничени за кривично дело перење пари.
При контролата на возилото, кое било во сопственост на Казиу, полицијата пронашла скриен простор под подот, каде што биле сокриени парите. Се работи за специјално адаптирано комбе, наменето за транспорт на нелегални средства.
Според медиумските извештаи, истражните органи во Косово и Албанија сè уште не го утврдиле потеклото на парите, ниту нивната крајна дестинација. Сепак, постојат сомнежи дека станува збор за средства поврзани со организирана криминална група, која користела копнени патишта за нивен транспорт меѓу двете земји.























