
Експертите за сајбер-безбедност предупредуваат на нов бран на измами кои ги таргетираат корисниците на iPhone, користејќи невообичаен пристап – преку апликацијата Календар.
Наместо класични phishing пораки преку електронска пошта, измамниците испраќаат лажни покани за настани што изгледаат веродостојно и официјално. Во нив често се наведуваат нарачки, суми за плаќање или предупредувања за наводно компромитирана безбедност на уредот, со цел да се создаде паника кај корисникот и да се поттикне да кликне на сомнителен линк.
Овие линкови водат до страници кои бараат внесување на лични или банкарски податоци, со што корисниците ризикуваат да станат жртви на измама. Дополнителен проблем е тоа што апликацијата Календар нема класичен филтер за спам, што им овозможува на напаѓачите полесно да ги заобиколат безбедносните механизми.
Во одредени случаи, доволен е само еден клик за автоматски да се активира претплатен календар кој во позадина генерира бројни лажни настани, што може да помине незабележано кај корисниците.
Стручњаците апелираат на внимателност и препорачуваат да не се отвораат покани од непознати извори, ниту да се клика на линкови во сомнителни настани. Доколку корисникот веќе добил вакви нотификации, се советува да ги провери претплатените календари и да ги отстрани сите што не ги препознава.
Кај поновите верзии на iOS постои опција за директно откажување на претплатата, додека кај постарите верзии потребно е рачно бришење преку поставките за календар и сметки.























