
Вистинска драма се случила во скопската населба Кисела Вода, каде возач се обидел со автомобил да прегази работници на градилиште, по што удрил во неколку паркирани возила.
Според информациите од МВР, инцидентот се случил околу 14:15 часот, кога маж од Скопје најпрво им упатувал закани на двајца вработени на објект во изградба. Потоа го стартувал патничкото возило „Форд“ и се обидел да налета на нив, но не успеал.
По неуспешниот обид, возачот со автомобилот удрил во паркиран „сеат леон“, кој од силината на ударот се придвижил и удрил во друго возило „фолксваген поло“.
За среќа, во инцидентот нема повредени лица, но е причинета материјална штета на возилата.























