
Фотографија од надзорна камера покриена со чаршаф во Тетово се прошири на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции кај граѓаните.
Сликата, која според објавите е направена на една од градските улици, покажува камера од системот „Безбеден град“ целосно прекриена со платно, што практично ја прави нефункционална. Иако нема официјална потврда кога и од кого е поставено платното, фотографијата отвори дебата за ефективноста на системот за видеонадзор.
Дел од граѓаните со иронија коментираат дека „ова е нов начин на заштита на приватноста“, додека други посочуваат дека ваквите сцени ја доведуваат во прашање безбедноста и контролата на јавните површини.
Системот „Безбеден град“ беше најавен како клучен проект за подобрување на сообраќајната култура и намалување на криминалот, но ваквите фотографии, велат тетовчани, создаваат впечаток дека технологијата лесно може да биде заобиколена.





















