Вишиот суд во Нови Сад донесе пресуда со која Република Србија и државната компанија „Инфраструктура железнице Србије“ се должни да исплатат вкупно околу 166.000 евра на семејствата на загинатите во трагичниот пад на надстрешницата на железничката станица во Нови Сад, кој се случи на 1 ноември 2024 година.
Четири семејства поднесоа тужба, а според судската одлука, на секое од нив треба да им бидат исплатени по речиси 43.000 евра како надомест за нематеријална штета и претрпени душевни болки поради загубата на блиски лица.
Судот наложи и надомест на трошоците за судскиот процес со законска затезна камата. Против оваа пресуда е дозволена жалба до Апелациониот суд во Нови Сад.
Во трагедијата загинаа 16 лица, а една беше тешко повредена. Несреќата предизвика масовни студентски и граѓански протести низ Србија, со барања за одговорност од властите. Иако Вишото јавно обвинителство поднесе обвинение против 13 лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт Горан Весиќ и поранешната директорка на „Инфраструктура железнице“ Јелена Танасковиќ, судот го врати предметот на дополнително истражување.
И покрај објавените над 22.000 документи поврзани со реконструкцијата на станицата, независни експерти тврдат дека недостасуваат клучни докази, како што се градежните дневници, што дополнително ја продлабочува недовербата во институциите и официјалната верзија на настаните.