Албанскиот премиер Еди Рама изрази визија за иднината во која вештачката интелигенција (ВИ) би можела да заземе централно место во управувањето со државите. Говорејќи за улогата на технологијата и дигиталната трансформација, Рама рече дека не е далеку денот кога ВИ би можела да стане најефикасниот член на одбор или дури и дел од владини структури.
„Многу брзо би можел да дојде денот кога ќе имате министер за вештачка интелигенција. Таков ‘чиновник’ нема да има братучеди за вработување, нема лични интереси што би го нарушиле процесот. Не велам дека ова е нашата цел – иако со задоволство би ја оствариле – но овој свет е бесконечен,“ изјави Рама.
Покрај технолошките перспективи, албанскиот премиер се осврна и на сè почестите кибер-напади врз државните институции, особено оние кои доаѓаат од Иран. Тој нагласи дека земјата се наоѓа во „дигитална војна“ и се соочува со систематски напади секојдневно.
„Во војна сме. Нападите се постојани. Утре може да бидат насочени кон банка или болница. Тоа би било катастрофално. Затоа треба да изградиме систем што ќе обврзе институциите да одвојуваат дел од буџетот за инвестиции во технологија и безбедност,“ рече Рама.
Потсетуваме дека Албанија стана мета на сериозни кибер-напади извршени од четири ирански хакерски групи, по што Тирана ги прекина дипломатските односи со Техеран и ги протера иранските дипломати од земјата.
Рама заврши со порака дека во свет кој се менува со огромна брзина, вложувањето во безбедност и технологија е прашање на преживување и напредок.