Романскиот вицепремиер Драгош Анастасиу, задолжен за реформи во буџетскиот систем, поднесе оставка поради вмешаност во корупциски скандал поврзан со давање мито. На прес-конференција одржана синоќа, тој изјави дека одлуката ја донел самостојно, без притисок од премиерот Илие Боложан, со цел да не го наруши угледот на Владата.
„Му реков на премиерот дека отсега натаму ќе направам повеќе штета отколку корист. Не сакам да го дискредитирам имиџот на Владата. Но моето заминување не значи дека реформите треба да сопрат – напротив,“ изјави Анастасиу.
Оставката следи по новинарска истрага која откри дека компании во негова сопственост осум години давале мито на инспектор од Националната даночна управа (ANAF) со цел да избегнат даночни контроли. Анастасиу бил сослушан како сведок и признал дека давал мито: „Се работеше за опстанок на компанијата. Избрав компромис. Направив грешка.“
На прашањето зошто не ја пријавил корупцијата, Анастасиу одговори: „Во тој контекст, кога сите мои соработници се плашеа од контроли и уцени, не веруваа дека е можно да преземат нешто. Не се оправдувам, само ја објаснувам ситуацијата. Имаше два вида мито – за опстанок и за збогатување.“
Реакциите не изостанаа. Опозициската крајнодесничарска партија АУР (Алијанса за единство на Романците) остро го осуди случајот. „Оставката на Анастасиу е чин на морална хигиена. Но обидот да ги оправда своите постапки покажува зошто Романија со децении живее во систем на мито – за опстанок или збогатување. Да признаеш дека си дал мито како херој што спасува работни места, е понижување за законот и чесните граѓани,“ изјави портпаролот Дан Танаса.
Тој додаде: „Сега остануваат уште четворица вицепремиери. Кој ќе биде следниот што ќе замине?“