Еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Зекирија Ибрахими, жестоко го обвини Арбен Таравари за политичка неконзистентност и измама, откако тој одлучи на локалните избори да настапи со заеднички советнички листи со Демократската унија за интеграција (ДУИ).
„Она што го претпоставувавме, денес се потврди. За жал и со голема разочараност морам да кажам дека г. Арбен Таравари излажа. Цело време тврдеше дека има цврст став за одвоени листи и дека тоа е затворено прашање, па дури и излезе од ВЛЕН заради тоа. А денес – токму спротивното: реши да оди заедно со Али Ахмети, Муса Џафери и Блерим Беџети, за кои немаше добар збор, ни јавно, ни во приватни средби,“ напиша Ибрахими.
Според него, потегот на Таравари претставува „недоследност што го разочарува албанскиот политички блок во Македонија“. Тој изрази огорченост од, како што вели, начинот на кој Ахмети врши притисок врз поединци во обид за политички опстанок.
„Колку е одвратно да се гледа до каде оди Али Ахмети во обид да ги истисне луѓето за да си обезбеди некаков успех. Сепак, изборите се ближат и верувам дека секој ќе ја добие казната или наградата што ја заслужува. Како што вели народот – ‘што ќе посееш, тоа ќе жнееш’“, заклучи Ибрахими.