Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека состојбата со пожарите во земјава засега е под целосна контрола, и покрај зголемениот број на активни пожари дневно. Според него, има сериозни сомневања дека голем дел од нив се подметнати или се резултат на човечка негрижа.
„Секој ден имаме над 30 пожари, вчера беа повеќе од 50. Најголем дел постојат основани сомневања дека се подметнати или настанале поради неодговорно однесување. Но, можам да кажам дека во јули ја држиме ситуацијата целосно под контрола“, истакна Мицкоски.
На терен се активирани сите расположливи капацитети – летала од Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата и полицијата, како и специјалните возила за гаснење. Повеќе од 200 припадници на Армијата и полициски екипи се ангажирани секојдневно.
Иако е активиран Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, Мицкоски нагласи дека во моментов нема достапни воздухоплови за помош, поради слична состојба низ целиот Медитеран: пожари беснеат во Грција, Турција, Албанија, Србија, Италија, Шпанија и други земји.
„Во моментов немаме ниту една огнена стихија која е надвор од контрола. Се организираме и ќе продолжиме вака и во август, затоа што летото е долго и ризиците остануваат“, изјави премиерот.