Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, побара итна меѓународна помош за справување со големите шумски пожари кои беснеат низ земјата, пренесе новинската агенција МИНА.
Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Милатовиќ наведе дека пожарникарите и припадниците на Армијата на Црна Гора вложуваат натчовечки напори за да ги стават под контрола пожарите што од ден на ден се шират низ повеќе подрачја:
„Од Луштица, преку Ловќен и Чемовско поле, до Кучи и Братоножиќи, Пива и Дурмитор – нашите пожарникари и војници се на првата линија на огнот,“ напиша тој.
Милатовиќ потенцираше дека силниот ветер дополнително ги отежнува акциите за гаснење, а најавената воздушна поддршка од Владата сè уште не е оперативна.
„Ги повикувам надлежните институции да побараат меѓународна помош – преку механизмите на Европската унија, но и преку директна билатерална соработка. Нашите луѓе на теренот ја заслужуваат таа поддршка,“ изјави претседателот.
Црна Гора, како и поголемиот дел од регионот, е зафатена од бран високи температури и долготрајна суша, што ја влошува веќе критичната ситуација на терен.