УТРО.мк

Пожари беснеат во Турција, Албанија и Грција – има жртви и уапсени

Пожари беснеат во Турција, Албанија и Грција – има жртви и уапсени
Vero

Големи шумски пожари и натаму беснеат низ делови од Балканот и Медитеранот, при што има човечки жртви, евакуации и уапсени лица под сомнение за подметнување.

Во Турција, веќе шести ден гори шумата во планинската област Карабук, околу 200 километри северно од Анкара. Над десет села се евакуирани, а огнената стихија остави зад себе опожарени делови од густите шуми. Турското Министерство за шумарство потврди дека во неделата животот го загубиле тројца пожарникари во северозападната покраина Бурса. Во меѓувреме, повеќе од 3.600 жители беа евакуирани од областите Мерсин и Анталија, каде што пожарите сè уште се активни.

Во Грција, силен пожар избувна во подножјето на планината Химет во Атина, блиску до универзитетски кампус во густо населено предградие. Ангажирани се најмалку 18 хеликоптери и авиони за гаснење, додека неколку села се евакуирани, а пет лица се повредени во одвоени пожари. Локалните власти се справуваат со третиот топлотен бран ова лето, придружен со силни ветрови.

Албанија исто така се соочува со пожари, особено во јужниот дел кај приморскиот град Саранда и околните туристички места. Во акцијата за гаснење се вклучени и воените сили. Албанската полиција соопшти дека уапсила 13 лица осомничени за намерно предизвикување пожари.

Во Бугарија се користат и воздушни сили за гаснење на голем шумски пожар во југозападниот дел од земјата, додека Србија, благодарение на дождот, успеа да стави под контрола над 100 активни пожари.

Екстремните горештини и сувото време кои се карактеристични за летото во регионот, оваа година се дополнително влошени од топлотните бранови, што придонесуваат кон зголемена појава на пожари со уништувачки размери.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран