Додека голем дел од македонските граѓани ова лето ги брои парите пред да замине на одмор во Грција или Црна Гора, една алтернативна дестинација полека, но сигурно се пробива на туристичката мапа – бугарското приморје. Причината? Цените кои речиси не се смениле последната деценија, а понудата – сè поквалитетна.
Според најновиот прилог на бугарската национална телевизија, на некои од најпосетените плажи во Бургас, Созопол, Кавачи и Смокиња, цените на лежалките и чадорите се пониски од било каде во регионот. На една од плажите во Бургас, цената за изнајмување на лежалка или чадор е само 1,20 лева – околу 0,61 евро, односно 30-тина денари. Оние кои бараат повисок стандард и луксузни душеци, ќе треба да издвојат малку повеќе – околу 4 евра.
Но дури и тие цени се далеку пониски од оние во Грција, каде на некои популарни места комплетот (2 лежалки + чадор) чини и до 30 евра – десетпати повеќе отколку во Бугарија.
Во Созопол, на плажата „Кавачи-Север“, цените не се смениле 10 години, тврди менаџерот Даниел Бадев. Комплетот лежалки и чадор таму чини 25 лева (околу 12,80 евра), а поединечно – 9 лева за чадор и 8 лева за лежалка. Но има и поевтини и дури бесплатни опции.
На многу плажи, реквизитите се бесплатни ако седите во рамки на некој угостителски објект – под еден услов: минимална консумација од неколку евра. На пример, во еден бар на плажа во Смокиња-Север, со нарачка вредна само 5 евра (околу 10 лева) добивате лежалка и чадор без ограничување на време.
„Работиме главно преку резервации. Не ги наплаќаме реквизитите. Само препорачуваме некаква основна консумација – едно кафе, пијалок, коктел…“, вели менаџерот на барот Александар Георгиев.
А какви се цените во баровите? Кафе чини околу 3,90 лева (околу 2 евра), додека свежо цеден сок околу 7 лева (3,60 евра). За разлика од Грција, каде во некои места е задолжително да нарачате сет пијалаци за да седите, во Бугарија нема временски ограничувања, што овозможува подолг и опуштен престој покрај морето.
Сопствениците на плажите велат дека квалитетот на услугата се подобрува, а клиентите стануваат сè побројни. Петар Ивов, сопственик на популарен бар, вели дека во последните години имало огромен пораст на интерес за бугарското приморје:
„Клучот за секој угостител е добра услуга, фер цени и квалитетна понуда. Ако ги исполните тие услови, гостите ќе се вратат. Не знам зошто повеќето Бугари сè уште ја избираат Грција – Бугарија нуди повеќе за помалку пари.“
Податоците го потврдуваат тоа. На Северната плажа во Бургас, бројот на туристи се зголемил за четири пати во последните пет години. Туристичките капацитети се полни, но цените не се менуваат – и тоа го прави Бугарија интересна и за македонски туристи кои бараат евтин, но удобен одмор.
Со ова, Бугарија полека го враќа стариот сјај на своето приморје, нудејќи им на туристите ретка комбинација на ниски цени, чисти плажи, пријатна атмосфера и зголемен квалитет на услугата.
Дали ова лето ќе се запрашате: Зошто да давам 50 евра дневно за плажа во Грција, кога со 10 евра имам сè – и лежалка, и чадор, и коктел – покрај исто толку убаво море?