Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, реагира за иницијативата од бившата лидерка на ДОМ и експратеничка Лилјана Поповска до Уставниот суд за преиспитување на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Македонија и Бугарија.
„Читам поранешна пратеничка се освестува и бара Уставен суд да го поништи вториот протокол склучен помеѓу Македонија и Бугарија. Само за потсетување, за да има втор протокол склучен на 17 јули 2022 година од Бујар Османи и Теодора Генчовска треба да има прв протокол, кој е склучен на 10 јуни 2019 година од Никола Димитров и Екатерина Захариева. А за да има протоколи, треба да има договор. За жал, на 1 август 2017, во првите 100 дена од новата влада, Зоран Заев и Бојко Борисов го склучија Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
За потсетување, тогашната пратеничка си го гласаше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, како и многу други договори и акти предложени од владата на Зоран Заев“, коментира Вељаноски на Фејсбук.