Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски јавно одговори на критиките упатени од неговиот претходник Бујар Османи, обвинувајќи го за политички двојни стандарди и манипулирање со темите на соживот и демократија за партиски цели.
Во својата реакција, Муцунски пишува:
„Интересно е како некои личности, кога се на власт, се прогресивни Европејци, а штом ќе дојдат во опозиција, одеднаш стануваат апостоли на дестабилизација и поделби.“
Тој потсети дека Османи бил дел од влада во која, како што вели, Македонците биле малцинство, што тогаш не претставувало проблем за функционирање на демократијата.
„Но денес, кога постои јасно демократско мнозинство, тоа според него станува ‘проблем за соживот’. За Османи, проблемот не е во моделот – проблемот е што ДУИ повеќе не е на масата“, истакнува Муцунски.
Министерот додава дека актуелната влада работи да ја исправи штетата направена од претходната гарнитура, нагласувајќи дека демократските вредности не се важечки само кога си на власт.
„Јас верувам во соживот, дијалог и во иднина изградена врз вредности, еднаквост и напредок. За разлика од него, секогаш сум работел на обединување – затоа што сакам да живееме во држава што ги поврзува луѓето, не ги дели“, пишува Муцунски.
Со ваквиот тон и директност, Муцунски испраќа јасен сигнал дека надворешната политика и внатрешната стабилност нема да бидат заложници на партиски реторики, туку ќе се темелат на принципи и демократски избор на граѓаните.