Грција се соочува со нов бран уништувачки пожари откако трет топлотен бран ја зафати земјата, носејќи температури и до 44°C. Во селото Дросопигија, северно од Атина, експлозии и густ чад се издигаа над фабрики со запаливи материјали, додека десетици пожарникари се бореа со огнот со поддршка од хеликоптери и авиони.
Пожарот зафати најмалку две куќи, а жителите на селото Крионерија добија наредба да се евакуираат кон главниот град. Истовремено, на островот Евиа, каде силни ветрови дополнително го отежнуваат гаснењето, над 100 пожарникари се обидуваат да ја задржат огнената стихија под контрола. Неколку села се во состојба на готовност за евакуација.
Властите евакуираа и неколку населени места на островот Китера и во регионот Месинија западно од Атина. Сите овие области се наоѓаат на списокот за висока противпожарна готовност поради рекордните температури и екстремните климатски услови.
Грција и остатокот од Медитеранот се во т.н. „огнено жариште“ – регион каде шумските пожари сè почесто се случуваат во текот на жешките и суви лета. Со климатските промени кои ја влошуваат ситуацијата, експертите сè поитно бараат нов пристап за справување со оваа растечка закана.