Во турскиот округ Ширнак, поточно во областа Силопи, денеска се измерени неверојатни 50,5 степени Целзиусови, јавува „Туркије тудеј“, повикувајќи се на податоци од Турската државна метеоролошка служба. Ова е највисоката температура некогаш измерена во Европа и претставува нов континентален рекорд.
Со оваа бројка е надминат досегашниот рекорд од 48,8°C, забележан на Сицилија, Италија, во август 2021 година, кој беше официјално потврден од Светската метеоролошка организација во јануари 2024 година. Уште претходно, рекордот го држеа Атина и Елефсина, Грција, со 48°C измерени на 10 јули 1977 година.
Според податоците, температурите во петокот надминале 40°C во 31 турски округ, а државната метеоролошка служба информира дека земјата е зафатена од топлотен бран со температури повисоки од сезонскиот просек за 6 до 12 степени.
Овој екстремен температурен бран ги загрижи и научниците и јавноста, особено поради неговата поврзаност со климатските промени и зголемениот ризик по здравјето и безбедноста на граѓаните.