УТРО.мк

Пожари се шират по Балканот — Македонија досега со најмалку последици (НАСА мапа на пожарите)

Пожари се шират по Балканот — Македонија досега со најмалку последици (НАСА мапа на пожарите)
Vero

Балканот гори. Целиот јули се бележат пожари низ речиси сите земји од регионот, со човечки жртви, уништени домови, манастири, илјадници хектари шума и економски загуби. Но, за сега, Македонија поминува со најмали последици.

Најтешка е ситуацијата во Грција, каде веќе се потврдени седум жртви, десетици повредени и огромни штети среде туристичката сезона. На Халкидики, неколку општини се без струја и вода. Островите, како Евија, се особено погодени, со уништени шуми и илјадници загинати животни. Пожари беснеат и на Пелопонез, Китира и Крит, а властите предупредуваат на нови жаришта поради силните ветрови.

На Кипар, две лица загинаа во пожар кај Лимасол кој зафати над 100 км². Стотици луѓе се евакуирани, а десетина се повредени, некои тешко.

Во Албанија температурите достигнаа 43°C, а пожарите се најинтензивни во јужниот дел — во Борш, Делвина и Валона. Изгореа црква и 11 куќи, а повредени се три лица, меѓу кои и полициски началник. Шест села се евакуирани, а ангажирани се армијата, хеликоптери и меѓународна помош, вклучително и канадски авион од Италија.

Слична е ситуацијата и во Србија. Таму се активни над 100 пожари, особено во близина на Ниш, Врање, Крагуевац и други градови. Ангажирани се над 500 пожарникари со поддршка од хеликоптери. Северот и центарот на земјата се зафатени и од невреме.

Во Хрватска, Црна Гора и Херцеговина огнот уништува куќи, имоти и земјоделски површини.

Според НАСА мапите, целиот медитерански појас — од јужна Италија преку Балканот до Турција — е погоден од интензивен топлотен бран и пожари.

Во Македонија, до вчера се регистрирани 29 пожари, од кои 10 сè уште се активни, 16 се изгаснати, а три се под контрола. Најзасегнати се општините Василево, Прилеп, Македонски Брод, Штип, Зелениково, Желино, Струмица и околината на Скопје.

За среќа, досега нема жртви или значителна материјална штета како во другите земји. Но, загрижувачки е тоа што најголем дел од пожарите се предизвикани намерно — со палење гуми или други лесно запаливи материјали. Полицијата веќе работи на откривање сторители.

Противпожарните служби се на терен, а со очекуваните дождови и пад на температурите, се надеваат на стабилизирање на ситуацијата. Пожарите во Кочани, Куманово, Гостивар, Ресен и делови од Скопје се веќе изгаснати.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран