Кинеската индустриска продукција забележа пад од 4,3 проценти во јуни 2025 година, споредено со истиот месец лани, објави Националното биро за статистика на Кина. Ова е продолжение на негативниот тренд по мајскиот пад од 9,1 процент, што укажува на продлабочување на индустриската стагнација во втората најголема светска економија.
И покрај тоа, кинеската економија во вториот квартал забави помалку од очекуваното, покажувајќи одредена отпорност на новите американски царини, јавува Ројтерс. Сепак, геоекономските тензии со САД го принудија Пекинг да воведе построги регулативи во клучни сектори како автомобилската индустрија и производството на соларни панели, каде што конкуренцијата веќе беше силна.
Во првите шест месеци од 2025 година, профитот во индустрискиот сектор опадна за 1,8 проценти, што е влошување во однос на падот од 1,1 процент забележан во периодот јануари–мај, информира порталот Бизнис.рс.
Сѐ поголем број аналитичари предупредуваат дека кинеската индустрија се соочува со структурни предизвици и неизвесност на глобалниот пазар, што би можело да влијае на пошироката економска стабилност на Кина во наредниот период.