Во последните пет години, македонските граѓани и компании вложиле над 50 милиони евра во купување станови и други недвижности во Грција, покажуваат податоците на Банката на Грција. Само во текот на 2024 година, инвестициите достигнале 19 милиони евра, што е тројно повеќе од 2021 година, кога биле инвестирани 7 милиони евра.
Во 2020 година македонските инвестиции во грчки недвижности изнесувале само 2 милиони евра, но интересот кон нашиот јужен сосед континуирано расте. Според најновите податоци, Македонија се наоѓа на 25-то место во светот според вложувања во недвижности во Грција.
Најчесто, македонските купувачи бараат апартмани со површина од околу 50 квадратни метри, главно во туристички атрактивни места. Дел од овие вложувања, неофицијално, не се евидентираат како директни македонски инвестиции, бидејќи купувачите користат ЕУ пасоши – најчесто бугарски – или инвестираат преку офшор компании регистрирани во даночни раеви.
Од регионот, најмногу недвижности во Грција купуваат бугарски државјани, додека од поширокиот европски простор предничат Кипраните и Турците. Грчкиот пазар на недвижности продолжува да биде атрактивен поради ниските даноци за странски купувачи, добрата клима и близината до балканските земји.