Интервју со митрополитот Георгиј во пресрет на Илинден
Во своето прво интервју по изборот за митрополит на Дебарско-кичевската епархија, владиката Георгиј испрати силна порака за духовното и националното заедништво, потенцирајќи дека вистинската слобода не се добива еднаш засекогаш, туку бара постојано одржување преку лична одговорност, посветеност и вера.
Во разговор за МИА, во пресрет на празникот Свети Илија и државниот празник Илинден, митрополитот истакна дека слободата е постојана задача за секој поединец, а Црквата останува чувар и сведок на таа борба.
– Да не заборавиме дека Свети Илија се борел за вистината и правдата, а токму затоа нашиот народ го чествува како симбол на борбата за правда и слобода. Тоа е суштината и на нашите Илиндени – подвигот за слобода не завршува, туку продолжува – вели Георгиј.
Наследник на митрополитот Тимотеј, Георгиј вели дека ја презема епархијата во стабилна и организирана состојба. И покрај јавните реакции за неговото брзо искачување по црковната хиерархија, тој уверува дека сè е извршено согласно каноните, а со епископот Партениј, кој беше неформален кандидат за истата позиција, веќе остварил контакт.
Осврнувајќи се на неодамнешната дебата за црковниот имот и можноста за оданочување на верските заедници, митрополитот потсети дека „сè што има Црквата е од народот и за народот“ и дека таа е чувар на заедничкото, а не приватен субјект со профитни цели.
– Црковниот имот е сведоштво на народната љубов, жртва и верба. Затоа оданочувањето на Црквата не е само фискално, туку пред сè морално и правно прашање, кое бара сериозна системска анализа и инклузивен дијалог – смета тој.
Во однос на прашањето за верското образование, Георгиј остро реагира на обвинувањата дека новиот закон за средношколско образование на верските заедници е дискриминаторски и антиуставен.
– Како може да се штити нечија еднаквост, така што ќе се дискриминираат ученици во верски училишта? Време е да се напуштат предрасудите од минатиот систем – вели владиката, наведувајќи ги примерите на Романија и Бугарија, каде верските училишта се целосно интегрирани во образовниот систем.
Во врска со современите предизвици, како социјалните мрежи и вештачката интелигенција, митрополитот Георгиј повика на свесност и одговорност, а не на забрани. Технологијата, според него, може да биде алатка за доброто, но само ако се користи разумно и со љубов.
– Поделбите се од овој свет, но единството е божествено. Дури и кога има разлики, важно е да не се изгуби заедништвото – порача тој, нагласувајќи ја улогата на Синодот како институција на црковна мудрост и стабилност.
За крај, во духот на Илинден, митрополитот Георгиј ја повтори својата главна порака:
– Да не ја сфаќаме слободата здраво за готово. Таа е благослов, но и обврска. Нашето наследство е свето – и духовното, и националното. Охрид е нашата совест, а Црквата – нашето огледало. Да го чуваме тоа што нè прави луѓе и народ.