УТРО.мк

Македонија го активира ЕУ механизмот – Ангелов со апел: Изорајте околу куќите, пожарот е опасно близу

Македонија го активира ЕУ механизмот – Ангелов со апел: Изорајте околу куќите, пожарот е опасно близу
Vero

Македонија официјално го активираше Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, во обид да добие меѓународна помош за справување со големите пожари кои беснеат низ земјата. Најпотребна е поддршка со воздухоплови, додека домашните сили се веќе исцрпени поради секојдневната борба со огнот.

„За жал, врнежи нема да има, освен мали шанси во северозападните делови каде и нема пожари. Од тие причини денес го активиравме ЕУ механизмот за цивилна заштита“, изјави Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

Во моментов се регистрирани 16 пожари, од кои 8 се активни, 6 се под контрола, а 2 се изгаснати. Најголем и најопасен е пожарот на планината Готен, кој се заканува на блиските села. Се интервенира и по земја и по воздух, но состојбата е критична.

Ангелов упати итен апел до жителите во опасниот регион: „Ги молам граѓаните да изорат 5 до 10 метри околу нивните куќи – тоа може да го спречи огнот да стигне до домовите. Потребни се трактори, алати, сè што може да помогне.“

Во акциите беше успешно евакуиран припадник на Армијата со хеликоптер „Агуста Бел 212“. Огнената стихија се шири и кон Македонска Каменица, Крива Паланка, Куманово, Желино, Прилеп и Македонски Брод.

Поради пожарот, во прекин беше и граничниот премин Меџитлија. Досега се приведени 27 лица, а поднесени се 19 кривични пријави за предизвикување пожари. Властите ги повикуваат граѓаните на максимална претпазливост и соработка.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран