Жената која работела како сезонска чистачка на бензинска пумпа во Загреб ќе добие над 110.000 евра отштета, откако се повредила при извршување на работните задачи. Судот во Загреб донесе неправосилна пресуда со која работодавачот е должен да ѝ исплати и дополнителни камати.
Инцидентот се случил додека чистела и се движела наназад, при што се сопнала на сандак со пиво и паднала. Прво била прегледана од итна помош и пуштена дома, но болките не стивнале. По две недели, отишла во болница каде што било утврдено дека има скршен колк.
“Година дена траеше опоравокот, но без успех, бидејќи вакви операции мора да се направат во првите 24 до 48 часа. Потоа ми вградија вештачки колк, но добив сепса и мораше повторно да ме отворат. На крајот, колкот беше изваден поради присутна бактерија”, сведочела оштетената.
Судскиот вештак утврдил дека таа сѐ уште е временски неспособна за работа поради сериозни компликации од повредата. Состојбата бара континуирана нега и помош од трето лице.
Судот ѝ досудил:
30.000 евра за нематеријална штета, 55.000 евра за туѓа нега и помош, и околу 25.000 евра за трошоци од судската постапка.
Вкупно: 110.000 евра, без вклучени камати. Работодавачот сѐ уште има право на жалба.