УТРО.мк

Дождот го заобиколи Нерав – стотици хектари борова шума и натаму во пламен

Дождот го заобиколи Нерав – стотици хектари борова шума и натаму во пламен
Vero

Пожарот кој вчера избувна во атарот на кривопаланечкото село Нерав сѐ уште е активен и зафаќа околу сто хектари борова шума. И покрај интензивната интервенција на терен, огнената стихија не е ставена под контрола поради непристапниот терен, силниот ветер и отсуството на дожд.

На терен се ангажирани повеќе екипи од територијалните противпожарни единици од Крива Паланка и Ранковце, припадници на МВР и ЈП „Македонски шуми“ – подрачното шумско стопанство „Осогово“, а пристигнува и помош од Армијата. Активно помага и локалното население.

„Непристапниот терен и ветерот се главната причина што, и по речиси 30 часа, не можеме да го локализираме пожарот. Денес моравме да евакуираме жители и стока за да ги спасиме. За среќа, успеавме да спречиме проширување кон куќите, но во неколку наврати беа загрозени и животите на пожарникарите“, изјави Иле Коцевски, командир на ТППЕ Крива Паланка.

Пожарот избувнал вчера околу пладне и во 14 часот бил пријавен до противпожарната единица. Во гаснењето учествуваат и екипи од Трговиште, Србија, како и мештаните од Нерав и соседното село Трговиште.

Иако се очекуваше дожд, врнежи не беа регистрирани во регионот, што дополнително ја отежнува борбата со огнот. Надлежните се надеваат дека со доаѓањето на армиските сили ќе се стабилизира ситуацијата на терен.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран