Со свечено отворање на затворениот базен во рамки на ООУ „Невена Георгиева – Дуња“, Кисела Вода доби уште еден капитален објект посветен на спортот и здравите навики. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој е и претседател на ЗЕЛС, истакна дека ова е доказ дека долгорочната визија и институционалната соработка даваат реални резултати.

Базенот, чија изградба започна во 2019 година, конечно е ставен во функција благодарение на заедничките напори на Владата, Министерството за спорт и Општина Кисела Вода. Ѓорѓиевски изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски за поддршката во реализацијата на проектот.
„Овој базен ќе им служи на учениците, спортистите, клубовите и семејствата – како дел од наставата и како место за развој на спортскиот дух. За четири години инвестиравме во девет спортски центри и терени“, рече Ѓорѓиевски.

Тој најави дека со Министерството за спорт веќе се работи на нов проект – реконструкција на спортската сала „Расадник“, симболот на РК Вардар и спортската историја на општината.

„Кисела Вода се враќа на спортската мапа на Скопје“, заклучи градоначалникот.