Најмалку осум пожари и натаму се активни низ државата, додека пожарникарите, армиските сили и доброволци се борат со огнената стихија која беснее од Малешевските Планини до пределите на Кичевско и Крива Паланка. Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последните 24 часа се регистрирани вкупно 51 пожар – 8 активни, 7 под контрола, а 36 целосно изгаснати.
Особено критична е ситуацијата на планината Голем Готен, помеѓу Василево, Радовиш и Берово, каде што пламените јазици уништуваат нискостеблеста шума, грмушки и ниска вегетација. Теренот е непристапен, што дополнително го отежнува гаснењето. Во селото Бешиште кај Прилеп, огнот се шири кон Градешница и потенцијално кон границата со Грција.
Пожари се регистрирани и во пределите меѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен, како и во близина на Кавадарци – Галиште и Трстеник. Воени и цивилни тимови вложуваат напори да спречат натамошно ширење на огнот. Сериозна ситуација има и во општина Македонски Брод, меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа, каде гори деградирана дабова шума.
Во Желино, пожар меѓу селата Церово и Групчин зафатил деградирана шума и се шири потпомогнат од силен ветер. Во Крива Паланка, густата борова шума кај село Нерав е зафатена од оган, додека слична ситуација се развива и кај селото Горно Црско во Кичевско. Во Македонска Каменица, пожар кај селото Ќосевица претставува сериозна закана за околината.
Седум пожари се ставени под контрола, меѓу кои и оној кај селата Облавце, Бељаковце, Довезенце и Руѓинце, што се ширел кон Кратовско. Два пожара се регистрирани и кај Петровец – во селата Коњаре и Катланово. Нови жаришта се појавија кај селата Грешница и Латово во Македонски Брод, како и во подрачјата на Штип и Карбинци.
Охрабрувачки е податокот дека 36 пожари се изгаснати, вклучително и неколку во региони на Битола, Прилеп, Свети Николе, Гостивар и Куманово. Интервенции се извршени и во Шуто Оризари, каде горело ѓубриште, и во Колешино, во близина на Колешинските водопади.
Надлежните апелираат на максимална претпазливост: „И најмала искра може да предизвика нова катастрофа“, предупредуваат од ЦУК и потсетуваат граѓаните да не палат оган на отворено, особено во шумски предели и за време на високите температури.