Основното јавно обвинителство Тетово поведе кривична постапка против 48-годишен маж, осомничен за кривично дело „Посредување при вршење проституција“ по член 191 став 2 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, осомничениот во текот на последните два месеци во неколку наврати посредувал и обезбедувал клиенти за 23-годишна државјанка на Косово, која била сместена во мотел во негова сопственост. Таа сексуалните услуги ги наплаќала, а поголемиот дел од заработеното му го давала на осомничениот.
По предлог на јавниот обвинител, на осомничениот му е определена мерка притвор, додека жртвата е згрижена во транзитен центар за странци сè до завршување на постапката.