Грција денеска го доживеа најжешкиот ден од новиот топлотен бран, со рекордни 45,8 степени Целзиусови измерени во Скала, општина Месиниа на Пелопонез. Според податоците на Националната опсерваторија во Атина и метеоролошкиот портал Метео, дури 85 отсто од населението на земјата биле изложени на температури над 39°C.
Температурите во многу делови од земјата надминаа 42 степени, особено во Епир, Тесалија, западна и северна Грција, Пелопонез и јужниот дел на Крит. Просечната максимална температура денеска достигна 37,6°C – највисока во последните денови.
Во 359 од 554 активни метеоролошки станици биле измерени температури над 37°C, 165 станици регистрирале над 40°C, а на 34 локации термометарот покажал над 42°C. Во областа Атика, каде што се наоѓа и Атина, температурите се искачија над 40°C.
Според прогнозите, топлотниот бран кој започна во понеделникот ќе продолжи до крајот на неделата, при што се очекува уште неколку екстремно топли денови. Властите повикуваат на внимателност, избегнување директно изложување на сонце и хидрирање, особено за ранливите категории граѓани.