
Албанскиот премиер Еди Рама повторно упати остри критики кон протестното движење познато како „Фламинго револуција“, кое се противи на изградбата на луксузен туристички комплекс на островот Сазан, поврзан со инвестициски проект на Џаред Кушнер и Иванка Трамп.
Во изјава дадена во својот подкаст, Рама ги нарече демонстрациите „фашистички“ и порача дека нема да попушти пред притисоците од улицата.
– Ова е фашистичко, скандалозно е и мора да се запре. И ќе се запре така што нема да се повлекуваме пред вакви притисоци и вакви луѓе – изјави Рама.
Протестите траат веќе неколку недели, а на последниот поголем собир во Тирана учествувале меѓу 100.000 и 200.000 граѓани, според проценки на медиумите.
Движењето се противи на плановите за изградба во еколошки чувствителни зони, меѓу кои се подрачјата околу Сазан и Звернец кај Валона, со образложение дека се загрозуваат природни живеалишта и заштитени видови птици.
Од друга страна, владата на Рама тврди дека проектот ќе донесе економски развој, нови работни места и поголем туристички раст за Албанија.
Во меѓувреме, во земјата се водат и истраги за финансиски криминал поврзани со пошироки случаи на перење пари и меѓународна трговија со дрога, кои дел од медиумите ги доведуваат во контекст со инвестицискиот амбиент околу проектот.

















