
Силен пожар утрово избувна во трговскиот центар „Енјуб“ во Нов Белград, при што бил зафатен дел од објектот, вклучително и кровната конструкција, јавуваат српските медиуми.
На местото на настанот веднаш биле испратени бројни противпожарни екипи, а околу 40 пожарникари од раните утрински часови се обидувале да го локализираат огнот и да спречат негово проширување кон соседните објекти.
Пред трговскиот центар се собрале сопственици на продавници, кои со загриженост ја следеле интервенцијата. Дел од нив започнале да ја изнесуваат стоката од локалите што не биле зафатени од пламените јазици, стравувајќи дека пожарот може дополнително да се прошири.
„Сè изгоре, ова е пекол. Сè беше уништено за неколку моменти“, изјавил еден од сопствениците за српските медиуми.
Според неофицијални информации, пожарот најпрво избувнал на покривот на трговскиот центар, по што за кратко време зафатил поголем дел од објектот.
Густ чад бил видлив од повеќе делови на Белград, додека полицијата го обезбедувала просторот и не дозволувала пристап во непосредна близина на местото на настанот.
Поради интервенцијата, сообраќајот на улицата „Јурија Гагарина“ бил привремено во прекин. Надлежните упатиле апел до жителите од околните населби да ги држат затворени прозорците додека трае гаснењето на пожарот.
Засега нема официјални информации за причините за избувнувањето на пожарот, ниту за евентуално повредени лица. Истрагата за утврдување на околностите под кои настанал инцидентот е во тек.

















