
Грчките власти и експерти апелираат до туристите да бидат внимателни при престојот на плажите, откако е забележано зголемено присуство на инвазивниот вид познат како „риба зајак“ во неколку делови од грчкото крајбрежје.
Според локалните медиуми, рибата сè почесто се приближува до плитките води, а во изминатиот период се регистрирани и случаи на повреди предизвикани од нејзините силни заби. Експертите предупредуваат дека овој вид може да нанесе сериозни каснувања, додека неговите внатрешни органи содржат тетродотоксин (TTX) – еден од најмоќните природни отрови.
Најголемо присуство на „рибата зајак“ е забележано во водите околу Крит, во регионот Атика, како и на одредени острови во Егејското и Јонското Море. Пријави за појава на овој вид има и во северниот дел на Грција, вклучително и во близина на Солун.
Поради зголемувањето на популацијата, грчките власти размислуваат за воведување дополнителни мерки за контрола на овој инвазивен вид, а на рибарите им се нудат поттикнувања за негов улов.
На посетителите на грчките плажи им се препорачува да избегнуваат допирање или фаќање непознати морски животни и да бидат особено внимателни во плитките води. Во случај на повреда или каснување, неопходно е веднаш да се побара медицинска помош.
Иако тешките инциденти се релативно ретки, стручњаците нагласуваат дека информираноста и претпазливоста се најдобрата заштита за безбедно летување.

















