УТРО.мк

Пожарот кај штипските села Долани и Љуботен под контрола, екипите остануваат на терен

Пожарот кај штипските села Долани и Љуботен под контрола, екипите остануваат на терен
Vero

Пожарот што избувна меѓу штипските села Долани и Љуботен во моментов е ставен под контрола, но противпожарните екипи продолжуваат со дежурства и интервенции на местата каде што сè уште има активни жаришта.

Командирот на Територијалната противпожарна единица – Штип, Благој Ренџов, информира дека утринава пожарникарите интервенирале на делови од опожареното подрачје каде што сè уште се забележува чад и тлеење.

„На терен се присутни екипи кои ќе дежураат до 15 часот. Пожарот моментално е лоциран во дол и на непристапен терен за пожарникарите. Околу пладне, кога температурите ќе се зголемат, ќе се следи состојбата за да се утврди дали постои опасност од повторно разгорување“, изјави Ренџов.

Според првичните проценки, во пожарот се зафатени меѓу 20 и 30 хектари нискостеблеста вегетација, како и дел од борова шума.

Во гаснењето на огнената стихија вчера учествувале 18 пожарникари, 14 доброволци и жители од село Долани, кои помогнале во справувањето со пожарот.

Дирекцијата за заштита и спасување ангажирала и еден „ер трактор“, кој интервенирал од воздух со цел да се спречи ширењето на огнот.

Во текот на интервенцијата, еден жител на селото се здобил со изгореници на нозете и веднаш бил пренесен на лекување во Клиничката болница во Штип.

Надлежните служби и понатаму ја следат состојбата на терен, особено во најтоплиот дел од денот, кога постои ризик од повторна активација на пожарот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin