УТРО.мк

Трагедија во Хрватска: Лоцирана потонатата едрилица, се стравува дека едно лице е заробено

Трагедија во Хрватска: Лоцирана потонатата едрилица, се стравува дека едно лице е заробено
Vero

Надлежните хрватски служби продолжуваат со истрагата за тешката поморска несреќа во Сплитскиот теснец, во која животот го загубија три лица, а новите информации укажуваат дека едно лице можеби останало заробено во потонатата едрилица.

Капетанот на Пристанишната управа во Сплит, Жељко Куштера, во изјава за централниот Дневник на ХТВ откри дека подводен дрон на Хрватската воена морнарица успеал да ја лоцира едрилицата на морското дно.

Според првичните сознанија добиени од еден од патниците, во моментот на несреќата едно лице се наоѓало во внатрешноста на пловилото, поради што постои сомневање дека останало заробено при потонувањето. Куштера нагласи дека оваа информација сè уште не е официјално потврдена и дека конечните одговори ќе бидат познати по извлекувањето на едрилицата.

Тој посочи дека пловилото се наоѓа на длабочина поголема од 50 метри, што значително ја отежнува спасувачката и истражната операција. Поради ноќните услови, активностите биле привремено прекинати, а нивното продолжување е планирано за следниот ден.

Во меѓувреме, надлежните институции продолжуваат да прибираат изјави од преживеаните од едрилицата, патниците од катамаранот и сведоците кои биле во близина на местото на несреќата, со цел да се утврдат сите околности што довеле до трагичниот судир.

Куштера истакна дека во овој момент е прерано да се зборува за причините за несреќата, нагласувајќи дека се анализираат сите достапни податоци и записи од системите за надзор на пловидбата. Дури по извлекувањето на едрилицата и деталната анализа на местото на настанот ќе може да се донесат конечни заклучоци за причините и евентуалната одговорност.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin