Белград вечерва ќе биде сцена на масовен граѓански протест под мотото „Сите сме под надстрешницата“, организиран по повод десет месеци од трагедијата на железничката станица во Нови Сад, кога при уривање на реконструирана надстрешница загинаа 16 лица, а една девојка беше тешко повредена.
Организаторите – средношколци и студенти – најавија дека собирањето ќе започне во 18:30 часот пред старата железничка станица, по што ќе следи комеморативна прошетка низ централните улици, со завршница на плоштадот Република. Во поворката ќе се спојат повеќе колони кои ќе тргнат од различни делови на градот, симболизирајќи заеднички отпор кон неказнивоста и корупцијата.
Во падот на надстрешницата животот го загубија граѓани од различни делови на Србија, меѓу кои и Васко Саздовски од Македонија. Истрагата за трагедијата досега не донесе резултати – повеќето осомничени не добија обвинение, а притворените беа пуштени да се бранат од слобода.
Протестите што се организираат по овој настан станаа симбол на поширока граѓанска мобилизација. Учесниците бараат целосна документација за реконструкцијата на станицата и одговорност од политичарите и изведувачите.
Настаните отворија и прашања за полициска бруталност, бидејќи независни медиуми документираа случаи на прекумерна употреба на сила врз демонстранти. Паралелно, протестите станаа и борба за медиумска слобода, бидејќи критичките гласила во Србија се соочуваат со силни притисоци.
Вечерашниот протест ќе биде потсетник дека трагедијата во Нови Сад не е само изолиран настан, туку и слика на системска неказнивост и недостиг на одговорност, велат организаторите.