Регулаторот за заштита на потрошувачи во Германија поднесе тужба против американскиот прехранбен гигант Монделез, тврдејќи дека компанијата го намалила пакувањето на чоколадите Милка од 100 на 90 грама, но не ја намалила цената.
Регионалниот суд во Бремен потврди дека тужбата ја поднела здружението за заштита на потрошувачи од Хамбург, обвинувајќи го Монделез за нелојална конкуренција и доведување на потрошувачите во заблуда. „Многу потрошувачи купуваат Милка со години во истото пакување и претпоставуваат дека тежината на производот не се променила“, рече Армин Валет од здружението.
Намалувањето на масата е скоро незабележливо – чоколадната плочка е само милиметар потенка, со ист дизајн и амбалажа. Новата маса е прикажана на предната страна на пакувањето, но често со ситни букви и скриена на полиците на супермаркетите. Регулаторот бара јасно означување и предупредување на потрошувачите најмалку шест недели пред промена на пакувањето.
Монделез ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека транспарентноста кон потрошувачите им е приоритет и дека новата маса е јасно наведена на амбалажата, како и на интернет и социјалните мрежи. Компанијата истакна дека била приморана да ја промени грамажата поради растечките трошоци на суровини и ланецот на снабдување, со што цените на какаото во последната година речиси се утростручија.
Судот ќе му даде на Монделез можност да одговори на тужбата пред да одлучи дали ќе закаже рочиште.