Русија се подготвува да покрене нови напади врз градот Сиверск во Донецката област со цел да воспостави цврсто упориште, изјави Дмитро Запорожец, портпарол на 11. армиски корпус, пренесува The Kyiv Independent.
За време на летото, руските сили остварија одреден напредок во Донецката област, со главни напори насочени кон градовите Покровск и Константиновка, како и кон напредување кон Добропилја. Сепак, тие не успеале да ги консолидираат своите позиции и освоиле само неколку помали села.
Сиверск, кој сега се споменува како нова цел на Русија, се наоѓа околу десет километри западно од окупираното село Врњокамјанское. Според локалната воена управа, од почетокот на инвазијата населението на градот се намалило дури дваесет пати и од ова лето таму живеат само околу 400 жители.
„Во правец на Сиверск, непријателот ќе продолжи со обиди за нападни операции користејќи тешка опрема се додека не започнат есенските дождови. Очекуваме уште еден голем напад“, рече Запорожец. Тој додаде дека руските сили сакаат да обезбедат упориште пред влошување на времето, што би им овозможило да се борат за контрола над градот или да го заобиколат за време на зимата.
Во меѓувреме, бројот на руските артилериски напади во близина на Сребрјанската шума, на лиманскиот правец близу Сиверск, се зголемил на 200 дневно. „Обемот на артилериското гранатирање неодамна се зголеми речиси трипати. Ако порано имаше 80-90 гранатирања дневно, сега може да достигне 190-200“, заклучи портпаролот.