УТРО.мк

Вештачката интелигенција ќе помогне во разбирањето на јазикот на животните

Вештачката интелигенција ќе помогне во разбирањето на јазикот на животните
Vero

На Лондонската школа за економија и политички науки (LSE), од 30 септември ќе започне со работа првиот светски научен центар посветен на проучување на свеста кај животните – вклучително и кај видови кои се еволутивно далечни од човекот, како инсекти, ракови и сипи.

Центарот за свест кај животните „Џереми Колер“, вреден четири милиони фунти, ќе обедини научници од областа на невронауката, правото, ветерината, филозофијата, биологијата и вештачката интелигенција. Како што објави Гардијан, еден од клучните проекти ќе биде истражување на можностите со помош на АИ да се „комуницира“ со домашни миленици, но и потенцијалните ризици од злоупотреба на технологијата.

„Луѓето сакаат да им припишат човечки особини на животните, а со АИ можноста за разбирање на нивната перцепција се проширува“, вели директорот на центарот, проф. Џонатан Берш. Но, тој предупредува дека АИ често нуди одговори што им се допаѓаат на луѓето, наместо вистинити, што може да биде штетно за животните. Затоа повикува на итно воспоставување етички стандарди за нејзина примена.

Дополнително, центарот ќе се фокусира и на прашањето за автоматизацијата на фармите, која напредува без јавна расправа, отворајќи етички дилеми – како отстранувањето на човекот од процесите на грижа за добитокот.

Центарот ќе соработува со невладини организации во развој на истражувања и меѓународни насоки, а целта, како што посочи професорот Џеф Себо од Универзитетот во Њујорк, е да се отвори дебата за свеста и добросостојбата на животните – тема која е меѓу најважните и најзапоставените во современиот свет.

Професорката Кристин Ендрјуз истакнува дека разбирањето на свеста кај животните може да помогне и во медицината, особено при мозочни удари. „Не знаеме точно што ја предизвикува свеста, но знаеме дека одговорот може да се крие во истражувањето на посложените организми“, вели таа.

Основачот на центарот, Џереми Колер, заклучува: „Како што каменот Розета помогна да се дешифрираат хијероглифите, така верувам дека АИ ќе ни помогне да ги разбереме емоциите и комуникацијата на животните“.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран