Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, денеска истакна дека доколку единствениот услов за отпочнување на преговорите на Македонија со Европската унија е внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, тогаш треба да се поднесе заедничка резолуција во Европскиот парламент со Бугарија која ќе ја потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик.
– Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја даде оваа отворена понуда до бугарскиот претседател Румен Радев и нивната влада. Ако пречката е само тоа, не би требало да има проблем заедно да поднесеме резолуција која ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност и ќе ја зголеми довербата помеѓу двете земји – рече Милошоски.
Тој додаде дека иако понудата е отворена, постои скептицизам дали ќе биде прифатена од официјална Софија. Според него, дел од бугарските владини претставници имаат задни намери и Уставот е само почеток на други барања и идни блокади.
– Реалноста е дека официјалните претставници на Бугарија работат на негација на македонскиот идентитет и јазик, слично како Русија со украинскиот народ – истакна Милошоски.