Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Татјана Димитровска за кривично дело Оддавање службена тајна и Компјутерски фалсификат, а се работи за праќање на тајни податоци на осомничен во истрагата „Адитив“, нејзин пријател.
Таа е соизвршителка со уште едно лице, а главната обвинета за оддавање службена тајна, е раководителка на компанија и е обвинета и за други кривични дела во предметот „Адитив“.
Димитровска како второобвинета за оддавање службена тајна, со умисла како службено лице – претседател на ДКСК, од мај до декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна.
„Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’, службени белешки за отворање на предмет и распределба на член на ДКСК, одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК“, пишува Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Прочитај го целиот текст на СДК.МК