УТРО.мк

Украина станува тест-полигон за модерно оружје: започна програмата „Test in Ukraine“

Украина станува тест-полигон за модерно оружје: започна програмата „Test in Ukraine“
Vero

Украинската одбранбена иновациска платформа „Brave1“ ја започна иницијативата „Test in Ukraine“, која овозможува светски производители на оружје да ги тестираат своите технологии во реални борбени услови на украинското боиште. Програмата им нуди пристап до податоци кои не можат да се добијат во лабораториски услови, а производителите се обврзуваат да ги обучат украинските војници за користење на новите системи.

„Ова е можност за стекнување знаење што никаде на друго место не може да се симулира“, изјави украинскиот министер за дигитална трансформација, Михајло Федоров, на конференција за наоружување во германскиот град Висбаден.

Приоритетите на програмата се фокусирани на беспилотни летала, роботизирани возила, ракети и ласерско оружје. Откако ќе биде завршена обуката, украинската војска добива целосна контрола врз користењето на новите технологии на фронтот. „Доставете го вашиот производ до тимот на Brave1, а ние ќе се погрижиме за сè останато“, стои на официјалната веб-страница на иницијативата.

Иако украинското боиште веќе подолго време служи како неформален тест-полигон за НАТО-овите системи, новата програма го институционализира процесот и овозможува побрза размена на знаење и технологија. Воената индустрија, особено во доменот на дроновите, забележа драматичен развој, со FPV-дронови како главен инструмент на фронтот, но и со постојани контрамерки од обете страни – од електронско заглушување до физички заштити како мрежи и саќмарки.

Со програмата „Test in Ukraine“, Киев се надева дека ќе ја зајакне домашната воена индустрија, ќе го подобри сопствениот одбранбен капацитет и ќе создаде партнерства со западни компании за заедничко производство на најнапредното оружје – токму таму каде што тоа најмногу се користи.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран