Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека денес разговарал со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, при што ѝ се заблагодарил за, како што наведе, јасната поддршка за Украина изнесена во нејзиниот говор во Европскиот парламент.
Зеленски истакна дека и тој и фон дер Лајен се согласиле дека Русија ги одбива сите мировни напори, што, според него, налага дополнително заострување на санкциите кон Москва, како и продолжување на одбранбената и финансиската помош за Киев.
Во разговорот била отворена и темата за замрзнатите руски средства, од кои значителен дел се наоѓаат во земјите на Европската унија. Во ЕУ во тек е расправа дали тие средства може да се искористат за поддршка на украинската одбрана.
„Разговаравме за актуелната дипломатска ситуација и за работата на Европската унија на одлуката за користење на замрзнатиот руски имот во корист на Украина“, додаде Зеленски.























