Центарот за управување со кризи информира дека состојбата со обилните врнежи од дожд низ државата во моментов е стабилна, но предупредува дека во следниот период се очекува зголемување на водостоите на повеќе водотеци.
Според податоците од УХМР, пораст на водостојот се предвидува во горниот дел од сливот на Вардар, како и кај реките Треска, Радика, Сатеска и Коселска. Зголемување се очекува и на реката Лепенец, водотеците од Шар Планина, како и во сливовите на Пчиња и Струмица. Поради високото ниво на подземни води, на одредени локации е можно нивно мешање со површинските и појава на заезерување.
Од ЦУК апелираат за претпазливост при движење покрај реките и суводолиците, а до општините е упатено барање јавните претпријатија да ги проверат сите критични точки каде постои ризик од излевање или поплави поради најавените нови врнежи од дожд и снег.
Граѓаните се повикуваат да патуваат внимателно и само ако е неопходно, со доволно гориво и задолжително со зимска опрема, особено на планинските превои и повисоките места, каде што е можно формирање навеви и привремена непроодност на патиштата.
ЦУК потсетува дека лицата кои живеат на повисоки надморски места треба навреме да се снабдат со храна, лекови и други основни потреби.
Во случај на опасност или потреба, граѓаните можат да се јават на бесплатниот број 112.























