Американската амбасадорка Анџела Агелер во интевју за ТВ21 испрати јасна и остра порака до македонското правосудство: наместо само да се жалат на политичко мешање, судиите и обвинителите треба да покажат интегритет и јавно да ги именуваат оние што им вршат притисок.
Во своето последно интервју, Агелер не го криеше незадоволството од состојбите во овој сектор. На констатацијата на новинарот дека е „срамно да се каже дека се вложени половина милијарда долари кога само 2% од населението има доверба во судството“ , амбасадорката директно одговори: „Тоа е еден сектор кој не ме охрабрува“ .
Таа потенцираше дека иако е лесно да се користи изговорот дека „политиката меша прсти“, вистинската промена ќе дојде кога професионалците ќе проговорат.
„Нели би било супер судија или обвинител да каже дека осетил политички притисок, но нема да потпадне под тоа? Нека каже кој што му рекол. Сите едвај ќе чекаат да го слушнат, нека ни дадат име“, децидна беше Агелер .
Помалку зборување од Премиерот, повеќе акција во системот
Амбасадорката се осврна и на честите критики кои премиерот Христијан Мицкоски ги упатува кон судството и обвинителството. Иако признава дека политичарите зборуваат за многу работи, нејзиниот став е дека извршната власт треба да се фокусира на системски решенија, а не на дневни коментари.
„Сакам да видам помалку зборување од страна на премиерот за судството, а повеќе дејствување во рамките на судството“, истакна Агелер . Таа појасни дека не сугерира отпуштања, туку воспоставување систем каде сите ќе си ја вршат работата според законот .
Охрабрена од напорите за ЕУ, задоволна од „Бехтел и Енка“
За разлика од правосудството, Агелер изрази оптимизам за надворешната политика на Владата. Таа потврди дека ја охрабруваат активните разговори што владините претставници ги водат во Брисел за одблокирање на евроинтеграцискиот пат . Сепак, беше јасна за реалноста на барањата: „Брисел вели дека мораме да си го смениме Уставот. Така е“ .
Најпозитивните оценки во интервјуто беа резервирани за инфраструктурните проекти. Агелер изрази големо задоволство од напредокот на коридорите 8 и 10 што ги гради „Бехтел и Енка“ . Таа ги оцени овие патишта како клучни не само за економијата, туку и за стратегиската безбедност на НАТО , и најави дека по завршувањето на мандатот ќе се врати за да се вози низ новите тунели .
Во однос на трагичниот случај во Кочани, амбасадорката ги отфрли сите шпекулации за вмешаност на странски служби, велејќи дека „воопшто нема такви информации“ и повика на транспарентен судски процес за семејствата на жртвите.























