Американската амбасадорка Анџела Агелер во гостување на „Клик Плус“ остро ја критикуваше состојбата во македонското правосудство и упати јасна порака до премиерот Христијан Мицкоски – помалку јавни изјави, а повеќе реални чекори за системски промени.
Агелер истакна дека САД вложиле околу половина милијарда евра во македонското судство, но резултатите и понатаму се далеку под очекувањата. Според неа, премиерот има политичка обврска да обезбеди функционален и независен систем, иако формално не избира обвинители.
„Не ми се допаѓа состојбата во судството. Сакам да видам помалку зборување од страна на премиерот, а повеќе дејствување во рамките на судството“, рече Агелер, нагласувајќи дека фокусот на јавни настапи не го решава застојот во институциите.
Како позитивен пример го посочи неодамнешното апсење поврзано со злоупотребите на ИПАРД-средствата, но додаде дека одговорноста не смее да се сведе на изолирани случаи.
„Инвестиравме многу години и многу пари. Сега луѓето од оваа држава и оваа влада треба да се покажат на дело“, порача Агелер, потенцирајќи дека реформите мора да ги движат институциите, а не политичките расправии.























