Израелските безбедносни сили утринава започнаа нова воена операција во градот Тубас на северниот дел од Западниот брег, соопшти израелската армија, која информира дека акцијата се спроведува заедно со полициски и разузнавачки единици. Засега не се откриваат дополнителни детали за целите на операцијата.
Според гувернерот на Тубас, Ахмед Ал-Асад, израелските сили го опкружиле градот со поддршка од хеликоптери кои отвориле оган, а на дел од жителите им било наредено да ги напуштат своите домови. Тој изјави дека војниците поставуваат позиции на покриви, вршат апсења и целосно ја преземаат контролата врз делови од градот, најавувајќи дека акцијата „може да трае со денови“.
Воени возила се забележани низ улиците, а војници патролираат опремени со автоматско оружје и ракетни фрлачи. Израелски сили се распоредени и во близина на Тамун. Според локалните власти, досега се приведени најмалку 22 Палестинци, а се поставуваат нови барикади и контролни точки.
Портпаролот на израелската влада, Шош Бедросијан, изјави дека операцијата е насочена кон спречување на „терористички активности“, без да даде дополнителни информации.
Во Западниот брег живеат околу 2,7 милиони Палестинци под израелска окупација која трае од 1967 година, додека стотици илјади израелски доселеници живеат во населби што меѓународната заедница ги смета за незаконски.
Оваа операција е продолжение на израелската кампања започната годинава во неколку северни градови на Западниот брег, вклучувајќи го Џенин, веднаш по почетокот на вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп. Во претходните операции, илјадници Палестинци биле раселени, а израелските сили уништувале цели делови од бегалските кампови.
Human Rights Watch неодамна го обвини Израел за извршување воени злосторства и злосторства против човештвото, тврдејќи дека Палестинците се изложени на присилно протерување. Израел ги негира обвинувањата.
Во последните месеци дополнително ескалирало насилството од страна на еврејски доселеници врз палестински жители на Западниот брег, што предизвика критики дури и од премиерот Бенјамин Нетанјаху, иако апсењата на сторителите се ретки.
Исламското движење Хамас, кое минатиот месец постигна прекин на огнот со Израел во Газа, ја осуди операцијата и ја повика меѓународната заедница да реагира.
По нападот на Хамас врз Израел пред две години, израелските власти дополнително го ограничија движењето на Западниот брег со нови контролни пунктови, барикади и безбедносни порти, поради што некои палестински населби се целосно изолирани.























